Филипче: Рано е да се зборува за евентуално одложување на изборите поради коронавирусот

by fokus

Министерот за здравство Венко Филипче во дебата на „360 Степени“, зборуваше за одложувањето на јавни собири како превенција од ширење на коронавирусот и за тоа дали постои можност за одложување на изборите.

„Здравјето на луѓето е на прво место и мислам дека е рано да се зборува за предизборната кампања. Впрочем, епидемиолошките податоци коишто се причина да дадеме препорака за ограничување на јавните собири е од причина што имаме една пациентка којашто е заболена и неколку луѓе коишто се во домашна изолација и кои знаеме точно од каде дошле, каде се упатиле, токму таму се планираа тие големи масовни собири и согласно анамнестичките податоци на пациентката, кога за прв пат се јавиле симптомите, колку време претходно била во инкубација, сега сметавме дека треба оваа мерка да важи за следната недела до петок на 6 март. Притоа динамички ќе ја следиме ситуацијата, ќе гледаме како оди влезот на луѓе од овие ризични региони, дали има некој сомнителен, ова е прашање коешто е издигнато на највисоко ниво во владата, целосно сме во секојдневна координација со премиерот и со двете вицепремиерки, целосно сме координирани во активностите, во планирањето, во слушањето на советите на врвните експерти и епидемиолози коишто не уверија дека треба да ги послушаме и да ја воведеме оваа мерка“, рече Филипче.

Во однос на прашањето за одложување на изборите, Филипче вели дека се уште е рано да се зборува за тоа и дека според епидемиолошките податоци, треба да бидеме внимaтелни само во текот на следната недела до 6 март и дека тогаш завршува критичниот период којшто се поврзува со пациентката којашто се лекува, но дека ситуацијата интензивно се следи.

Поврзани новости