Министерот за здравство, Венко Филипче при денешната посета на Клиничка болница-Штип ги промовираше новите 10 пациент-монитори наменти за коронарната единица, донација на штипската фирма Телекабел, новата индустриска машина за перење на алишта за пациентите и за униформите на лекарите во операциските сали, како и трите лапараскопски апрати набавени од сопствени средства на болницата.
Тој најави дека во тек е и тендерската постапка за набавка на ендоскоп, со кој лекарите ќе можат да дадат и нов тип на здравствени услуги на пациентите.
Министерот за здравство рече дека новата Клиничка болница во Штип сепак ќе биде готова наредната година, наместо на крајот од 2018 година.
– Иако иницијално првичната проценка беше дека градежните работи треба да завршат до крајот на оваа година, после застојот од неколку месеци, рокот е пролонгиран. Работниците се повторно во објектот и очекуваме тој да биде завршен во септември 2019 година. Интензивно ќе почне да се работи на делот, каде што треба да биде сместен акцелераторот. Се надевам дека тој дел ќе биде спремен и порано од останиот дел на болницата и тука ќе може да се смести акцелераторот, кој веќе е набавен и подолго време седи неотпакуван, и на тој начин ќе им се пружи нова услуга на пациентите, вели Филипче.
При посетата на штипската Клиничка болница министерот за здравство имаше и средба и со семејството на родилката од Свети Николе, која почина по раѓањето на здраво машко дете.