Сума од 86.900 евра плаќа Клиниката за детска хирургија во Скопје за тројца странски лекари за едукација и обука како и практичен тренинг, започнувајќи од февруари до крајот на годинава.
„Фокус“ ги обезбеди договорите за тројцата хирурзи, еден од Србија и двајца од Бугарија согласно Законот за слободен пристап на информации од јавен карактер, кои откириваат дека нивните месечни надоместоци изнесуваат 1400 евра, 2500 евра и 4000 евра.
Според нивните договори за давање интелектуални услуги, Министерството за финансии ги одобрило овие средства согласно Програмата за превенција на кардиоваскуларни болести во РМ за 2019 година, што не кореспондира со одговорот што го добивме од Министерството за здравство каде е наведена точната област на стручност кај овие лекари.
Во прилог целосниот одговор од МЗ:
– Соработката со доктори од Бугарија и Србија е во рамки на посебен проект на Министерството за здравство и Клиниката за детска хирургија за едукација на кадри и воведување нови методи, кои во моментов не се вршат во нашата држава. За таа цел, еднаш месечно доаѓа професор Радоје Симиќ од Институтот за мајка и дете во Белград, кој врши интервенции при тешки неонатални форми, конгенитални аномалии, лимфангиоми на врат и друга патологија, која кај нас не се работи.
Исто така, е склучен договор со проф. Цветко Георгиев и доц. д-р Христо Шивачев од Универзитетска болница за детска хирургија „Пирогов“ во Бугарија за размена на искуства за нови методи од областа на торакална детска хирургија и областа на тешки вродени неонатални аномалии.
Сите тројца имаат регуларни договор, времени лиценци од Лекарската комора и одобрение од стручните здруженија од оваа област. Како резултат на оваа соработка, од почетокот на оваа година се оперирани над 50 деца и сите се во добра здравствена состојба. Во проектот, е вклучен и тим од наши доктори од клиниката за детска хирургија, со цел да се едуцираат за нови методи и интервенции, а бенефит имаат и пациентите, кои место да се упатуваат во странство, се оперираат од врвни доктори во нашата држава, одговорија од Министерството.
Додека државата издвојува пари за странски лекари, според информациите со кои располага „Фокус“ тројца реномирани хирурзи од оваа клиника заминаа во приватното здравство.
Соња Танеска Игнатоска