Министерот за здравство Венко Филипче, денеска беше во посета на Кавадарци по повод донација од Фондацијата „Никола Јанчев“ во висина од еден милион денари за обезбедување централен довод на кислород за модуларната болница во Општата болница со проширена дејност Кавадарци.
„Апелирам, овој празник денеска да го прославиме не како што знаеме традиционално со собири. Да останеме сите дома, да помогнеме со негрупирање да се надмине и овој ризик во склоп на оваа криза. Верувам дека новите мерки ќе дадат уште подобри резултати. Се намалува бројот на пациентите којшто се примаат во болниците и верувам дека граѓаните со својата свест и совест сериозно ќе помогнат на здравствените работници. Уште еднаш голема благодарност на семејството Јанчеви со тоа што покажаа како се негуваат семејните вредности, трета година по ред инвестираат таму кадешто е најмногу потребно, претходно во младите, во стипендии за образование, а сега во поддршка на нашите здравствени работници“, истакна Филипче.