Министерот за здравство Венко Филипче денеска пред Клиничкиот центар потврди дека утрово на повредите им подлегна уште еден од пациентите примени на КАРИЛ по трагичната автобуска несреќа кај Ласкарци.
-Стануваше збор за тешки повреди на градниот кош и на белите дробови. Станува збор за 38-годишен пациент кој се лекуваше на КАРИЛ. Денеска на Клиниката се сместени четворица пациенти кои имаат сериозни повреди. Информиравме за девојката и за нејзината состојба по вчерашната хируршка интервенција и тројцата пациенти кои исто така се во тешка состојба. Во болницата „8 Септември“ на интензивна нега се сместени пет пациенти, двајца и натаму се на респираторна машина, состојбата не им е сменета во однос на вчера. Тројца пациенти кои не се на респираторна машина, но исто така имаат тешки повреди се во критична состојба – информираше Филипче.