Пациентот на кој што пред два дена му беше извршена трансплантација и доби срце од починат донор, се чувствува добро, соопшти утрово министерот за здравство, Венко Филипче. Тој на својот Фејсбук-профил напиша дека пациентот е контактибилен и се опоравува.
-Сашо се чувствува добро по извршената трансплантација на срце тој е контактибилен и се опоравува. Од голема важност е постоперативниот период. Му посакувам многу здравје и што побрзо да се врати на вообичаените животни навики, објави министерот Филипче.
Операцијата на 53-годишниот пациент беше извршена во средата.
-Неколку часа траеше трансплантацијата на срце кај 53-годишниот пациент, кој имаше тешка срцева аномалија. Сега следи критичен период на опоравување. Пациентот останува под надзор на стручниот лекарски тим на Клиниката за кардиохирургија. На клиниката за Урологија хирурзите полека ја завршуваат и трансплантацијата на бубрег кај дваесетгодишната пациентка која подолг период беше на дијализа, напиша тогаш Филипче.