508
Министерот за здравство, Венко Филипче во гостувањето на дебатната емисија Детектор на телевизија Сител зборуваше за зголемувањето на платите на здравствените работници, зајакнувањето на човечкиот капитал на Итната медицинска помош, создавањето на услови за изградба на комплетно нов Клинички центар, како и за укинувањето на квотите за лекови на рецепт во аптеките ширум целата држава. Со оваа мерки и инвестиции се подобрија состојбите во здравството, се решија децениските проблеми и се постигнаа значајни резултати.
„Итната помош е еден од сегментите кои најмногу ги зајакнавме во изминативе 2 години, примени се 84 доктори и поголемиот дел од нив распределени во Итната медицинска помош (ИМП). Набавени се 12 нови возила, а уште 7 ќе следат, со што се зголемуваат капацитетите. Со зголемување на кадарот и новиот возен парк значително е скратено времето на чекање, до 7 минути во Скопје, а 12 до 13 минути надвор од Скопје. Итната помош е брза и ефективна услуга за потребите на граѓаните така што наспроти ширењето лажни вести од страна на ВМРО-ДПМНЕ дека Итната помош не била ефективна при интервенција, овие бројки и факти кажуваат дека Итната медицинска помош во македонското здравство ги зголемува капацитетите да излезе пресрет на секоја ситуација”, изјави министерот Венко Филипче.
Новиот модерен и современ клинички центар, со сите нови одделенија ќе овозможи соодветно да се одговори на потребите на граѓаните и каде медицинскиот и здравствениот кадар ќе имаат услови за работа. Наместо така наречената инвестиција од ВМРО-ДПМНЕ кои само потпишаа договор од 150 милиони евра со фирма која што е банкротирана, новиот Клинички центар ќе биде во служба на граѓаните и ќе ја подобри ефективноста на медицинскиот персонал.
„Со зголемување на платите континуирано инвестираме во човечки капитал. Вкупното зголемување на платите (основната плата и сумата за дежурства) од 2018 година заклучно со тоа што ќе следи во февруари 2020 година, за лекар специјалист е над 40%, исто толку е и за наставен кадар. За лекар специјалист само во февруари зголемувањето е 25%, за општите лекари 15%, а 10% за медицинските сестри. Кумулативно, за Клиничкиот центар за минатата година зголемувањето е 23%. Тоа е инвестицијата во човечкиот капитал од 2 милијарди денари за 2 години, во основната плата и за дежурствата. Со зголемувањето на основната плата во три наврати досега, и зголемувањето на дежурствата е направена инвестиција во примањата од најголем обем досега, што е првпат да се случи во јавното здравство”, потенцираше министерот Филипче.
Пациентите заслужуваат да имаат лесен пристап до лекови, а укинувањето на квотите за лекови на рецепт овозможи полесен и сигурен пристап до лекови. Со контролата во издавањето на лековите, се постигна намалување на потрошувачката на лекови дури и до 30% во некои региони. Во фармацевтскиот сектор се направија големи реформи, а новите квоти за лекови е една од нив, граѓаните имаат лекови во кој било ден од месецот, сите лекови се со сертификат.
Во изминативе две години спроведено е почитување на законите, за разлика од претходните години кога не се водеше сметка што доведе да епидемија на морбили. Со спроведување на задолжителна вакцинација, за само 6 месеци е сопрена епидемијата. Наспроти ширењето на лажните вести од страна на ВМРО ДПМНЕ за прогласување епидемија и спроведување задолжителна вакцинација, со спроведување на законите опфатот со вакцинација од под 80% е зголемен на 99,5% и на тој начин е запрена епидемијата. Министерот Филипче рече дека со сите преземени чекори, со инсистирање на издржани и проверени одлуки и спроведување на законите покажавме како се води политика на грижа за јавното здравје.