Одговорно тврдам дека ништо не недостасува, а има и доволни количини во резерва. Игор Јанушев, исто како и Мицкоски се обидува да ја изманипулира јавноста. Минатиот пат, Мицкоски свесно манипулираше дека нема тестови, а овој пат лагата е дека нема заштитна опрема за медицинскиот персонал.
Ова го објави министерот за здравство Венко Филипче на својот Фејсбук профил, по обвинувањата на генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ Игор Јанушев, дека медицинскиот персонал има недостиг од визири, ракавици и заштитни маски и побара итно да одвои фонд од 10 милиони евра, што ќе биде наменет за набавка на заштитна опрема.
– Минатата недела е направена инспекциска контрола во 79 здравствени установи од страна на Државниот здравствен и санитарен инспекторат и во ниедна не е забележан недостиг на опрема, напиша Филипче.
Истакнува дека дополнително, во тек е набавка за дополнување на резервите за што е распишана покана за јавна набавка објавена на веб-страницата на Министерството за здравство и тоа за: 12.000 маски N95 или сличен стандард, 20.000 скафандери, 500.000 хируршки маски, 5.000 визири и 1.200 гумени скафандери.
– Не ја разбирам потребата постојано да се лаже и манипулира јавноста на тема која и онака ги држи граѓаните во страв и неизвесност. Ова однесување на опозицијата не носи добро никому и многу одмага во борбата со корона вирусот, објави Филипче на својот Фејсбук профил.