ВМРО-ДПМНЕ историски секогаш бил кочничар на напредокот, а оваа гарнитура не е различна, истакна претседателот на СДСМ, Венко Филипче во неговиот говор на 30. Конгрес.
„Додека се прогласуваат за големи „Европејци“, нивните дела говорат спротивно. Македонија е заглавена на патот кон ЕУ поради недостигот од акција на оваа влада. Наместо да ги продолжат преговорите, блокираат клучни реформи и ја користат европската перспектива за дневно-политички поени. Да не заборавиме дека истите овие луѓе, кога беа во опозиција, направија сѐ за да ги блокираат договорите со Грција и Бугарија, договори што отворија врата за НАТО и ЕУ. Тие блокади ја чинеа Македонија години изгубен развој, а сега повторно го гледаме истиот деструктивен модел“ порача тој.
Филипче додаде дека сегашното владеење на ВМРО-ДПМНЕ во многу нешта потсетувало на периодот 1998-2002 и на она од 2006 до 2016 година.
„Претставниците на власта упорно се трудат и сакаат да го минимизираат оствареното во евроатлантските интеграции. Не обвинуваат дека сме ги предале националните интереси. Служејќи се со гол популизам и евтин национализам лажно ветуваа дека можат да издејствуваат нова преговарачка рамка со ЕУ.
Да се потсетиме. Со истата жестина како што во опозиција го напаѓаа Преспанскиот Договор, ја напаѓаа и Времената спогодба од 1995, за во 2009 да им стане врвна дипломатска придобивка и главен аргумент во пресудата на Меѓународниот Суд во Хаг. Исто како што сега на Христијан Мицкоски кажува дека Преспанскиот Договор е ремек дело на европската дипломатија.
ВМРО-ДПМНЕ тогаш во опозиција тврдеше дека ќе ги врати Струга и Кичево во старите општински граници, а потоа во периодот 2006-2016 заборавија што ветувале. На НАТО Самитот во Букурешт во 2008 прифатија ново име на државата, а нас не обвинуваат дека сме го предале името. Ги слушавме и по телефонските разговори“ заклучи Филипче.