Филипче: Од денеска поголем број термини за вакцинација против сезонски грип

by Fokus

Вакцините против сезонски грип не се потрошени. Од денеска ќе има поголем број термини за вакцинација, соопшти министерот за здравство, Венко Филипче.

-Тоа што го видовме во овој изминат период е еден огромен интерес како што никогаш немало минатите години. Ние имавме многу помалку вакцини и никогаш освен во првата недела што е вообичаено немаше ваков интерес. Во смисла на правење распоред, се направи распоред да има една одредена временска дистанца меѓу времето на апликација на вакцините на граѓаните со цел да не се прават гужви во амбулантите. Понатаму, еден дополнителен проблем којшто излезе на виделина сега од изминатите недели е практично системот на закажување, но токму поради големиот интерес. Електронскиот систем не можеше да ограничи еден наспроти друг матичен лекар да зафати помалку термини, на сето ова работеше системот Мој Термин. И тоа што ќе се случува од денеска е да има поголем број термини и поголема достапност за матичните лекари согласно досегашното искуство. Од денес практично на некој начин да се ограничат матичните лекари да не може секој еден да зафати поголем број термини, во однос на другите матични лекари од таа регија и повеќе термини за вакцини, рече Филипче во вчерашното телевизиско гостување.

Тој изјави дека количините за вакцинација се сосем доволни.

-Вакцините не се потрошени, продолжува системот на вакцинација. Можевме ние да направиме и друг систем нагло да се пуштат сите вакцини и да пробаме да се извакцинира поголем број граѓани, во пократок временски период, меѓутоа сметам дека тоа ќе беше голем хаос во амбулантите – огромни гужви коишто на некој начин се и ризик, оттука да се направат мини кластери, истакна Филипче.

Министерството за здравство за оваа сезона на грип набави 40.000 дози на четиритипни вакцини против грип, наменети за бесплатна вакцинација на ризични групи. Во споредба со минатата сезона, за која се набавија 28.000 дози на вакцини, оваа година за околу 40 отсто се зголемија количините. Бесплатна вакцинација против сезонски грип се врши на шест пункта на Здравствен дом Скопје, како и во здравствените домови во Велес, Неготино, Teтово, Гостивар, Кичево, Охрид, Струга, Вевчани, Македонски Брод, Ростуше, Битола, Прилеп, Крушево, Ресен, Демир Хисар, Свети Николе, Радовиш, Струмица, Штип, Валандово, Куманово,Кратово, Крива Паланка, Берво, Делчево, Виница, Пробиштип, Пехчево, и Кочани. Вакцинација се вршти во општите болници во Гевгелија, Дебар и Кавадарци. Во оваа сезона на вакцинација против сезонски грип, првпат е овозможено бесплатната вакцинација на здравствените работници да се спроведува во нивните матични установи, наместо да одат како и досега во центрите за јавно здравје

Поврзани новости