Претседателотна СДСМ, Венко Филипче во интервју за Прес 24 предупредува дека кредитот од Унгарија ќе резултира со сериозни негативни финансиски и политички последици за земјата. Филипче изрази сомнеж за транспарентноста и економската оправданост на договорот, посочувајќи на можни коруптивни интереси зад истиот.
„СДСМ ќе ги искористи сите средства да укаже и докаже зошто е ова штетен договор. Аргументите за наводната поволна камата не само што се неточни, туку унгарските медиуми укажаа дека Орбан за сопствени потреби се задолжува со многу повисоки камати,“ истакна Филипче, алудирајќи на недоследностите во официјалните информации за кредитот.
Филипче предупреди дека фактот што Унгарија дава кредит со камати кои самата ги плаќа поскапо, укажува на тоа дека зад договорот стои „огромен политички и корупциски интерес“. Според него, ова е показател дека актуелната влада планира да се занимава со „крупна корупција“ и дека тоа ќе стане јасно многу брзо.
„Практично, веќе и стигна првата фактура за овој наводно фантастичен договор, најавата за влез на телеком компанија блиска до Орбан,“ продолжи Филипче, посочувајќи на конкретни примери кои, според него, укажуваат на скриени интереси и договори зад сцената. Тој го постави прашањето што следно може да се очекува од ваквите договори, сугерирајќи дека може да следат и други концесии, како брзата пруга или бизнисите со снабдување со нафтени деривати.
Во интервјуто за Прес 24 Филипче истакна дека СДСМ има обврска да ги изложи сите последици од овој договор и најави дека многу конкретни информации ќе бидат презентирани на собраниската говорница. „СДСМ има обврска јасно да укаже на сите последици од овој договор. И многу конкретни сознанија ќе бидат предочени токму од собраниската говорница,“ рече тој, повикувајќи на брзо доставување на законот во Собранието, со цел истиот да биде разобличен.