Филипче: Нема зијан прележаните да се вакцинираат порано, имунитетот од вакцина е траен

by fokus

Нема разлика за пациентот кој се опоравува дали ќе се вакцинира по еден или по шест месеци, за него нема никаква разлика, но има разлика за колективниот имунитет. Нема зијан или контраиндикација да се вакцинира порано, вели Министерот за здравсво, Венко Филипче за препораката за вакцинација 45 дена по прележувањето. Според него, не секој развива ист имунитет после прележувањето и вели дека вакциналниот имунитет е траен.

-Прво граѓаните мора да знаат дека додека сите не се вакцинираме ова нема да престане. Има јасни сознанија дека природниот имунитет по прележување на болеста со тек на време се намалува, а вакциналниот е оној кој е потраен. Во таа смисла Американскиот центар за контрола на болести тоа го кажа, а го укажа и Светската здравствена организација. Дури и десет дена по тестирањето кај асимптоматските случаи се препорачува вакцинирање. Сите препораки водат кон тоа за што пократко време луѓето да се имунизираат. Има студии кои покажуваат дека прележаните имаат имунитет и по пет и по осум месеци, но тој се намалува. Но, бидејќи имаме препораки за што поскоро вакцинирање, важно е граѓаните да го сторат тоа. Што побрзо се подигне степенот на вакцинација и се постигне колективен имунитет, затоа што вакциналниот имунитет е траен ќе спречиме и следни бранови. Ние мора ова да го прекинеме еднаш, не можеме повторно да се соочуваме со тешки бранови и тоа е логиката на овие 45 дена препорака да се вакцинираат прележаните, вели Филипче.

Во врска со одлуката за граѓани со примена една доза на вакцина да може да присуствуваат на настани, кога воопшто немаат стекнато имунитет, вели дека сепак, во тој случај процесот на имунизација е отпочнат.

Филипче порачува дека нема да може да се присуствува со негативен ПЦР тест на настани бидејќи целта е да се подигне степенот на вакцинација.

-Целта е да се подигне степенот на вакцинација и да се постигне колективен имунитет, зошто граѓаните да се изложуваат на дополнителни трошоци со секојдневно правење на ПЦР-тестови за да може да присуствуваат на некој настан. Вакцината е спасот и токму тоа е причината зошто ги носиме овие одлуки, порача тој.

Поврзани новости