Министерот за здравство, Венко Филипче, на денешната прес конференција на која информираше дека е прекинат тендерот од 35 милиони евра за набавка на реагенси, нагласи дека и во иднина ќе продолжат да работат во насока на подобрување на здравствениот систем, да имплементираат европски систем и стандарди, а се во интерес на здравјето на граѓаните.
Одговарајќи на новинарско прашање рече дека во следните постапки ќе ги имплементираат сите искуства кои ги собрале во прекинатата постапка со цел да не се соочат со истото.
– Сакаме овој модел да успее заради тоа што знаеме дека креира заштеда, ја подобрува функционалноста и сервисот на нашите граѓани. Во таа насока ќе одат следните постапки, истакна Филипче.
На прашање кога ќе биде распишан нов тендер посочи дека се ќе биде согласно законот за јавни набавки и во меѓувреме активно ќе работат на подготовки на постапката. Потенцира дека постапката е целосно отворена и во секој момент може да присуствуваат сите заинтересирани и во секоја фаза.
– Притисок апсолутно немаше. Сметаме дека е некоректно и дополнително прави сомнеж кога има само еден понудувач во оваа тендерска постапка, додаде Филипче, одговарајќи на новинарско прашање.