Филипче не знае дали ќе бидат набавени вакцините Спутник В

by Fokus

Министерот за здравство Венко Филипче на денешната прес-конференција истакна дека нема конкретен одговор дали ќе биде набавена руската вакцина Спутник В, но сепак рече дека ги имаат сите други вакцини и можат слободно да се вакцинираат со нив.

„ Немаме конкретни одговори дали ќе бидат набавени. Имаме доволно од другите вакцини, па така граѓаните можат слободно да се вакцинираат. Најавени се и донации на нови вакцини – додаде Филипче.

За разлика од него, пред десетина дена кога „Фокус“ испрати прашања до ресорното министерство добивме одговори дека Република Северна Македонија, годинава склучила договор за набавка на вакцини од производителот Спутник В. Но, сепак ако неа ја нема, слободно можат да ги примаат вакцините на Фајзер.

„Треба да добиеме 97.000 вакцини од прва компонента и 97.000 вакцини од втора компонента од овој прозиводител. Се прави проценка кога ќе бидат повлечени овие колични на вакцини. Граѓаните кои се вакцинирани со вакцината на производителот Спутник В, трета доза вакцина може да примаат по 6 месеци од ревакцинација. Согласно препораките на Националната комисија за имунизација, третата доза вакцина треба да е мРНА вакцина, а такви вакцини се Фајзер и Модерна. Во нашата земја, мРНА вакцина  имаме од производителот Фајзер“ се наведуваше во одговорот од ресорното министерство.

Трета доза вакцина против Ковид-19 ќе можат да примат сите граѓани. Комисијата за имунизација предложи да се прошират категориите на граѓани кои што ќе можат дополнително да се имунизираат. Па така, покрај лицата над 60 години, здравствените работници и оние со хронични болести, во иднина трета доза ќе можат да примат сите оние коишто сметаат дека се изложени на ризик.

Заклучно со вчерашните дневни извештаи од ресорното министерство, вкупната бројка на ковид-дијагностицирани лица во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 206.910, бројот на оздравени пациенти е 191.649, на починати е 7.255, а бројот на активни случаи изнесува 8.006.

И.М.

 

Поврзани новости