Кампањата „Вакцинирај сѐ“ ќе биде клучна за зголемување на свеста кај граѓаните од потребата од имунизација, истакна денеска министерот Венко Филипче, кој беше прашан дали парите можеле да се искористат за друго нешто.
-Кампањата значи видео спотови, вклучување на видни и јавни личности од светот на културата, светот, сите кои мислиме дека имаат влијание на различни групи во општеството за да се зголеми свеста за важноста на вакцината. Ова ќе биде долготраен процес. Се зборува за трета доза вакцина, можеби ќе стане сезонска иако е рано да се каже. Потребна е честа комуникација со граѓаните за пораката која се кажува секојдневно. Ова нема да престане додека не се вакцинираме сите, рече Филипче.
Вели дека тоа што се инвестира во кампањи воопшто не значи дека се скратени средствата на некое друго место, туку дека се внимава буквално на сите сегменти кога е во прашање вакцинацијата.
–И во претходните месеци имаше активни кампањи, со тоа што тоа не беа кампањи на Владата, меѓутоа плански беше тоа направено. Најпрво започна кампањата на УНИЦЕФ, па на Делегацијата на ЕУ. Сега како следен чекор, нашата кампања на Владата. И медиумите се еден од нашите најгоеми партнери во борбата со пандемијата. Оваа криза меѓу другото, добро се менаџира и со навременото споделување на точни информации до граѓаните. Водиме сметка за сите сегменти. Нигде не е скратено, посочи министерот.