Вечерва во Градската општа болница „8 Септември“ докторка беше нападната од семејство на пациентка која по неколку дена болничко лекување почина од коронавирусот, се огласи министерот за здравство Венко Филипче.
„Во случајот интервенираше полицијата која приведе неколку члена од семејството на починатата. Тие се обиделе насилно да го земат телото без да го спроведат соодветниот протокол за лица починати од ковид-19. Ова е чин на крајно непочитување на сите здравствени работници кои повеќе од 4 месеци деноноќно се борат за секој човечки живот. Ова е дискредитација на нивната работа, нивниот труд и жртва, ризикот на кој се изложени и одрекувањата. Овие луѓе со месеци ги немаат видено своите семејства, ги немаат прегрнато своите најблиски, немаат ден одмор и оддишка од напорната работа. Најостро го осудувам овој инцидент“, напиша Филипче на фејсбук.
Тој изрази уверување дека неговите колеги постапиле професионално и согласно протоколите. Воедно, министерот ги повика надлежните да го истражат случајот и да постапат соодветно.