Во моментов правиме координација на ниво на околните земји, во секојдневна комуникација сме со Албанија, Грција и Бугарија во однос на тоа како ќе се одвива отворањето на границите, вели министерот за здравство Венко Филипче.
-Еден од предлозите е од следната недела да се отвори патувањето за членови на фамилија или од службен, економски интерес, во рамките на овие земји, а понатаму во периодот кој следи, по 15 јуни, границите и целосно да се отворат – изјави Филипче.
Тој додаде дека веројатно нема да се бараат тестови заради тоа што, според него, тоа не претставуваат апсолутна гаранција или сигурност.
-Претставува некаква сигурност ако е во комбинација со домашната изолација или карантините. Но, имајќи предвид дека ако се отворат границите и голем број луѓе ќе почнат да патуваат и тоа нема да биде само меѓу луѓето во регионот и нема да бидат посети од една во друга земја, туку ќе има многу патници кои ќе транзитираат низ некоја земја, тоа ќе изгуби смисла – рече Филипче.