Ако епидемиолошката слика е добра и стабилна, на почетокот на ноември ќе се даде дозвола уште некоја група од децата да оди со физичко присуство во училиштата, учениците од четврто, петто, шесто одделение, прва година средно, најавува министерот за здравство Венко Филипче.
Дотогаш одлуката останува како што е – од 1 октомври, со физичко присуство, настава ќе следат децата од прво до трето одделение, додека останатите ќе следат онлајн-настава. Има и примери каде што може да одат и други одделенија, но само во ситуација кога вкупниот број на деца во одделенијата или бројот на класови во училиштето е толку мал што според епидемиолозите ризикот од ширење на заразата е мал, како на пример, регионални училишта во кои учениците се заедно во едно одделение од прво со петто, од 10 до 15 или 7 деца.
-Еден е ризикот да бидат стотина деца од прво до трето одделение со физичко присуство во училиштата, ама повеќе од двојно ќе биде ризикот уште толку деца да ставиме од четврто, петто и шесто одделение на почетокот на октомври, бидејќи тие се во контакт со истите наставници. На пример, ако е некоја наставничка позитивна и дојде во контакт со голем број деца, тие се сите во ризик, објасни министерот Филипче во емисијата „Патот кон“ на ТВ Алсат.