Во Министерството за здравство утре ќе пристигне донација од 13.000 брзи тестови кои се најнова технологија со која за 15 минути се утврдува дали кај тестираниот е присутен вирусот Ковид 19, најави министерот за здравство Венко Филипче на Сител.
-Тоа се брзи тестови кои што се готови за 15 минути, тоа се најновите тестови, најновата технологија, со тоа уште повеќе се зголемува капацитетот на сите државни лаборатории и тоа ќе стане и редовна пракса на тестирање – рече министерот Филипче.
Тој посочи дека добиле голема сума пари со ребалансот на буџетот од близу 40 милиони денари, па ќе набават близу 100.000 тестови во следниот период.
– Тие кои имаа индикација за брз тест веднаш беа препраќани во болнички установи или во Институтот за јавно здравје, каде има апарати за брзи тестови. Токму затоа и ова надополнување на тестови кое почнува од средината на неделава, од вторник, среда, сите тестови кои ги добивме со донација ќе бидат веќе дистрибуирани по сите пунктови – потенцира Филипче.
Во врска со носењето маска на отворено, министерот рече дека кога е можно да се влезе во група луѓе и заради кашлање и кивање може случајно да се влезе во близок респираторен контакт.
– Со маската се штитите себеси и од студеното време кога треба секој да внимава на своето здравје и од загадувањето. Верувам дека сега со овие мерки, маски задолжително на отворено, немање можност да групирање, економските оператори кои работат, вклучително и угостителските објекти со соодветни протоколи ќе дадат резултат – додаде Филипче.