Можно е воведување мерки на границите при влез во земјава, но не и реорганизација на она што сега функционира во установите со протоколи, најави министерот за здравство, Венко Филипче поради детектирањето на индиската – делта варијанта на коронавирусот кај пациенти во Македонија.
– Евентуално барање на ПЦР тестови или потврди за вакцини или доказ за прележана болест, она што е стандард и во некои од другите земји, но мора да кажам дека ќе видиме каква ќе биде ситуацијата во регионот поради тоа што мерките мора да се усогласени, изјави Филипче.
Евентуалните мерки што би биле воведени на границите ќе важат и за државјаните на Македонија кои ќе одат на летување и на враќање ќе мора да приложат некои од потребните документи, односно тие мерки ќе важат за сите.
Дали сегашната состојба бара воведување некакви рестриктивни мерки ќе се дискутира до крајот на неделава со членовите на Комисијата за заразни болести.
Според него, логично е да се очекува дека новиот сој побрзо ќе се шири, но доколку сме вакцинирани во висок процент и има одреден степен колективен имунитет, колку и да е позаразен, нема да се повтори сликата со претходниот британски сој и тогашниот силен бран.
Тој тврди дека генерално состојбата во земјава и понатаму е мирна и апелираше граѓаните да се вакцинираат на пунктовите, кои од понеделник ќе бидат отворени и нема да има потреба од закажување.