„Растечкиот национализам и радикализам се закана за демократијата секаде во Европа. Затоа, од огромна важност е социјалдемократските партии, кои се носители и заштитници на демократските вредности, да останат силни и сплотени“ изјави претседателот на СДСМ, Венко Филипче на средбата со Ана Линде, поранешната министерка за надворешни работи на Шведска.
На средбата тој истакна дека врвен приоритет во новата програма на СДСМ е да ги реафирмира вистинските социјалдемократски вредности прилагодени на потребите на граѓаните во С. Македонија.
„Предизвиците со кои се соочуваат граѓаните денес – растот на нееднаквоста, намалувањето на животниот стандард, како и општествените поделби и тензии, се проблеми кои може да се решат само со социјалдемократски политики. Политики кои се засноваат на принципите на еднаквост, социјална правда и солидарност. СДСМ отсекогаш високо ги ценел идеалите за слобода и еднаквост, обезбедувајќи секој граѓанин да има можност да води достоинствен живот“ – рече Филипче.
Иднината на С. Македонија е во Европската Унија и тоа може да се постигне преку целосно спроведување на реформската агенда и прифаќање на обврските што ЕУ ги постави во преговарачката рамка, согласни се Филипче и Линде.
Но, Владата на ВМРО-ДПМНЕ не покажува сериозна намера да го продолжи евроинтеграцискиот пат, смета Филипче.
„Реформската агенда што ја постави СДСМ во периодот кога ја предводеше Владата беше доказ дека правиме сериозни исчекори во таа насока. За жал, не можам истото да го кажам и за Владата на ВМРО-ДПМНЕ. Сега, загрижен сум за намерите на оваа Влада во однос на евроинтеграциите. Нејасен е стратешкиот правец и курс по кој тргна државата. Мојот впечаток по првите месеци владеење е дека тие немаат интерес да ги продолжат преговорите, ниту посериозно да се занимаваат со оваа тема. Доказ за тоа се последните размени на изјави помеѓу македонскиот и бугарскиот врв“, рече Филипче на средбата со Линде.