Претседателот на СДСМ – Венко Филипче денеска во чест на 2 Август, положи свежо цвеќе пред споменикот на претседателот на Крушевската Република, Никола Карев, пред споменикот на АСНОМ и пред споменикот на претседателот на президиумот на АСНОМ, „Методија Андонов Ченто“ на плоштадот „Македонија“.
Филипче ги честиташе двата Илиндена, истакнувајќи дека исполнувањето на аманетот на државотворците од Илинден и АСНОМ е нашата денешна борба за Македонија.
„Овие два Илиндени сами по себе говорат за опстојноста на идејата за слобода, за соживот, за надминување на поделбите, национализмот, пропагандите и за сплотеност околу идејата за еднаквост и рамноправност на сите, независно од различноста и уверувањата. Слободарскиот дух, на илинденците и на асномците ги сплоти сите кои сакаат слобода, правда и социјална еднаквост, независно дали таа нивна борба се водела во епоха на монархии или во време на фашистичка окупација” – рече Филипче.
Истакна дека Македонија денес е членка на НАТО, меѓународно афирмирана држава.
„Нашата татковина е земја на вредни луѓе, изминативе години се изборивме за меѓународно признавање и афирмација на нашата земја, влеговме во НАТО, покажавме дека во оваа земја живеат граѓани со голема жилавост, подготвени да ги остварат сопствените цели, за демократска, слободна, праведна европска држава” – рече тој.
Филипче додаде дека политиката не смее да биде пречка за обединување околу илинденските и асномските идеали.
„Не смее политиката да биде извор на подеми и падови, уназадување на државата и причина за нови внатрешни кризи и поделби. Ова е време во која борбата е за подобар живот на младите, создавање на демократски институции и владеење на правото, почитување на различностите и создавање општество во кое сите граѓани ќе бидат рамноправни”- рече Филипче.