Министерот за здравство Венко Филипче, денеска објави фотографија од
Иле Стрезовски, на кој му беше извршена трансплантација на срце. Според министерот, Иле полека заздравува.
-Неполни два дена по операцијата која му го спаси животот, младиот Иле полека заздравува на Клиниката за кардиохирургија. Бескрајно благодарен на тимот на лекари кои помогнаа да добие нова шанса за живот и пред се на семејството на младата девојка чие срце денес чука во неговите гради. Му посакувам што поскоро да закрепне и да се врати дома кај неговото семејство, напиша министерот филипче на фејсбук.
Во градите на Иле сега чука срцето на 20-годишната Верица Белчовска од Берово, која почина по тешка сообраќајна несреќа. Оваа трансплантацијата, која се случи на Клиниката на Државна Кардиохирургија, вечерта во петокот кон саботата, е втора во земјава. Пред неполна година, Иван Огненовски од Скопје го доби срцето на Емилија Динева од Дојран.