Новиот лидер на СДСМ, Венко Филипче, летово ќе го помине во потрага на луѓе што ќе го сочинуваат новото партиско раководство, кое ќе биде избрано наесен, кога ќе се измени и партискиот Статут во делот на избор на партиски функционери и формирање на нови тела на Бихаќка.
Прво, на општински конференции треба да се изберат нови делегати, кои потоа на Конгрес ќе изберат заменик-претседател и Централен одбор, кој пак треба да избере Извршен одбор, потпретседатели и генерален секретар. Засега, како што велат партиски извори, Филипче нема донесено одлука за најблиските соработници.
–Одлука за конкретни решенија нема, бидејќи овој период ќе биде искористен од новиот претседател да препознае потенцијални соработници од поранешните структури, но и поширокото членство. Она што отсега се знае е дека новиот тим ќе биде комбинација на партиски луѓе, но и надворешни кадри со блиска идеолошка ориентација – велат нашите соговорници.
Освен кадровско екипирање, Филипче сака да иницира и измена на партискиот Статут, со цел прецизно дефинирање на начинот на избор на партиски функционери и на кандидати за јавни функционери од партијата, како и статутарно дефинирање на новите партиски тела, кои беа дел од неговата изборна програма.
„За да создаде ефикасна и функционална партиска организација, неопходна е реорганизација, но и нов пристап во работењето. СДСМ мора да изгради силни партиски тела, кои ќе работат со јасно утврден план и ќе имаат јасни одговорности и конкретни задачи“, стои во програмата на Филипче.
Имено, во таа насока се предвидува формирање на Совет за политика и стратегија, составен од искусни политичари, експерти и надворешни соработници, кој ќе биде одговорен за развивање на партиските политики и стратегии и ќе работи на дневна основа со претседателот и другите членови на ИО на партијата.
Во рамки на овој Совет, кој ќе биде задолжен да го контролира идеолошкиот развој и позиции на партијата, ќе се формира уште едно тело – Совет на ветерани. Се предвидува ова тело да биде составено од искусни политичари, да функционира како тинк-тенк и да му служи на претседателот како советодавен одбор.
Според неофицијални информации, Филипче во ова тело сака да ги обедини сите поранешни претседатели на СДСМ. Ако се очекува лесно да му оди обединувањето на Димитар Ковачевски, Зоран Заев, Радмила Шекеринска и Владо Бучковски, со кои и сега има коректна комуникација, најголем предизвик ќе му биде првиот партиски лидер Бранко Црвенковски.
Како што е познато, Црвенковски го замрзна членството во СДСМ откако Заев го даде она фамозно интервју за БГНЕС. Набргу потоа, на чело на СДСМ дојде Ковачевски, кој во раководството инкорпорираше некогашни соработници на Црвенковски, но тој никогаш не соопшти дали го одмрзнува членувањето.
Дури, многумина и јавно и во политичките кулоари го врзуваа Црвенковски со ЗНАМ на Максим Димитриевски, а таквите информации дополнително го засилуваше тоа што Димитриевски секогаш со почит говореше за Црвенковски, а воедно генерален секретар на ЗНАМ стана некогашниот близок соработник на Црвенковски – Горан Минчев.
Сепак, Филипче верува дека ќе успее да го убеди и Црвенковски да се приклучи во Советот на ветерани. Двајцата се уште немале средба, меѓутоа нашите информации говорат дека Филипче планира да иницира состанок со Црвенковски. Дали ќе успее да го убеди да се врати во СДСМ во улога на ветеран, ќе покаже времето.
Понатаму, Филипче сака да воведе и позиција, односно тело Секретар за односи со општинските и месните организации, бидејќи од неговото присуство на терен како носител на пратеничката листа во четвртата изборна единица заклучил дека има недоволна присутност на раководството на терен, слаба комуникација на локално ниво и неможност да се влијание врз централните политики.
Притоа, овој секретар ќе треба да воспостави јасни и стандардизирани канали за комуникација помеѓу општинските организации и централното раководство, редовни брифинзи и комуникација, да организира месечни консултативни сесии каде општинските организации ќе ги споделат сознанија итн.
–Од моите разговори со наши членови се чувствуваше напуштеност и негрижа, едноставно оддалеченост од раководството. Ова е изразено особено во последните две и пол години. Доколку бидам претседател, вакво нешто никогаш нема да се повтори.
Јас, и како министер, и како човек, генерално, сум достапен и отворен за соработка и комуникација, а тоа ќе мора да го прават и луѓето околу мене. Никој нема да биде оставен настрана, неислушан или запоставен. СДСМ, пред сѐ, мора да се грижи и да ги вклучува своите верни поддржувачи бидејќи без нив партијата нема да постои – говореше Филипче и во неодамнешното интервју за „Фокус“.
Исто така, се предвидува и формирање на Комисија за етика и одговорност, со цел обезбедување на транспарентност и етичко однесување во СДСМ, откако, како што навел Филипче во самата програма, партијата се соочила со „бројни корупциски скандали и случаи на несоодветно однесување на партиските функционери, често поради недостаток на ефективен надзор и одговорност“.
„Овие прашања сериозно го нарушија угледот на партијата и ја поткопаа довербата во јавноста“, стои во програмата, каде се наведува дека оваа Комисија ќе воспостави процес на истражување на поплаките и наводите за коруптивно однесување, ќе ги мониторира медиумите за однесувањето на работата на функционерите и ќе препорачува дисциплински дејства.
Сепак, еден од најбитните новитети што ги предлага Филипче е промената во начинот на избор и назначување на партиски функционери, така што се предвидуваат внатрешни избори за избор на претседатели на општински организации, но и за кандидати за градоначалници, со цел зголемена демократизација и застапеност.
Инаку, Филипче во програмата најавува и заживување на концептот „Едно општество за сите“, промовиран додека партиски лидер беше Заев. Иако важи за близок соработник на Заев, сепак, Филипче во интервјуто за „Фокус“ тврдеше дека самиот ќе ги води партиските политики, а не некој друг во позадина.
–Многу бргу по мојот избор ќе видите суштински разлики во начинот на водење на партијата, кадровски промени и целосен концепт, кој ќе биде оригинален и самостоен. Јас не сум под ничие влијание, уште помалку под нечие управување.
Со Зоран Заев имам одлични релации, како и со низа други поранешни претседатели, како Радмила Шеќеринска, Владо Бучковски и Димитар Ковачевски, на пример. Сметам дека тоа е многу голема предност затоа што верувам дека само човек што има искрен и добар однос со сите може во вакви услови на поделеност да биде претседател на СДСМ – рече Филипче.
(ИНТЕРВЈУ) Филипче: СДСМ е во критичен момент, но верувам во промени и во обнова!
Влатко Стојановски