Апел за откажување на приватните патувања на здравствените работници дојде од министерот за здравство, Венко Филипче.
„Сакам да упатам апел кон здравствените работници да ги откажат своите приватни патувања. Затоа што не се знае каква ќе биде ситуацијата, а тие ни се драгоцени во овие моменти. Ние ќе направиме набавка и ќе ја надополниме резервата а капацитетот на Инфективна клиника е доволен“, истакна Филипче.
За мерките за отсуство од работа, Филипче истакна дека доколку двајца родители работат во ист сектор, еден од нив ќе биде ослободен од работа.
„Отсуството кон работодавецот, работникот треба да го регулира со назнака за да се оправда отсуството. Ослободени се и родители на лица и деца со попреченост. Оваа мерка важи за сите компании и мора да важи за сите. Мене ми е жал ми е што излегоа лажни вести и апелирам да не се создава непотребна паника. Ние сме пред болестите исти. Од друга страна, студентите кои се сместени во студентските домови, ќе бидат испратени дома и се надевам дека сите ќе се придржуваат кон овие пораки. На граничните премини полицајците одлично ја вршат работата и ќе биде предложено да се засилат екипите и на другите гранични премини. Засега нема препорака за целосно затворање на границите“, вели Филипче.