Филипче: Ќе ја поддржиме секоја подобрена позиција на македонските евроинтеграции што ќе ја обезбеди Владата

by Fokus

Денешната средба со претседателката на државата Гордана Сиљановска-Давкова, лидерот на СДСМ, Венко Филипче ја оцени како пријателска и конструктивна. Тој додаде дека ваква форма на политички дијалог помеѓу опозицијата и шефицата на државата треба да стане редовна пракса.

„Средбата ја побарав јас по последниот состанок на комисијата за европски прашања каде што излагање имаше претседателката, пренесувајќи го искуството од нејзиното членување во Националниот совет за евроинтеграции каде што јас како пратеник сум претседател и во таа смисла некои укажувања што треба да побара Советот од Владата за да го прати и контролира исполнувањето на планот за раст и реформската агенда“, изјави Филипче.

Тој на средбата ѝ укажал на Сиљановска-Давкова дека треба да реагира за работи од нејзина надлежност, пред сè, како што рече, за партизацијата во дел од безбедносните структури. Укажал и на ризикот од спојување на двете безбедносни агенции – Агенцијата за национална безбедност и Агенцијата за разузнавање.

„Сметаме дека ризикот може да биде многу голем доколку настане фузија на двете безбедносни агенции, а се продолжи со ваква партизација имајќи предвид дека сме имале такво лошо искуство во минатото дека таква гломазна безбедносна партизирана институција може да се злоупотреби“, додаде Филипче.

На состанокот разговарале и за евроинтеграциите на земјава и за процесот на нивна деблокада, во контекст на последната средба на претседателката со нејзиниот бугарски колега Румен Радев.

Филипче нагласи дека како опозиција ќе ја поддржат секоја подобрена позиција на македонските евроинтеграции што ќе ја обезбеди Владата.

„Треба да добиеме потврда дека е тоа возможно. Што и да направи сегашната Влада и ги подобри позициите на државата ние тоа ќе го поддржиме.“

Поврзани новости