Министерот за здравство Венко Филипче денеска истакна дека ќе ги соочи двајцата директори на Клиниката за гинекологија, откако економскиот директор на оваа клиника Валон Беља на Фејбук ја обвини стручната директорка Викторија Јовановска за незаконски спроведени јавните набавки.
-Крајно е несоодветно да се комуницира на таков начин да се изнесуваат обвиненија, не доликува на луѓето кои извршуваа сериозни функции и ја нарушува довербата во здравствениот систем. Денеска ќе има средба со двајцата директори. Сакам да ги изнесат двајцата аргументите па ќе видиме што е суштината на недоразбирањето – рече Филипче.
На прашањето дали Беља е соодветен профил за директор ако се земе во предвид дека има кривични пријави за други случаи и дека беше пукано во него, Филипче рече дека не сака да коментира она што се однесува на други институции.