Кризата од изборите е надмината, СДСМ е подигната на нозе и се враќа политичката сцена, партијата е функционална и активна во политичкиот простор и првата фаза на стабилизација е целосно завршена, рече денеска на брифинг со новинарите новиот лидер на СДСМ, Венко Филипче.
Воедно, Филипче истакна дека периодов е фокусиран на средби и разговори со членството, раководствата, претседателите, извршните одбори и најави дека идните чекори на партијата се да се формираат работни групи, во кои ќе учествуваат официјалните раководства, но и незадоволните или отфрлени членови.
–Во рамки на овие работни групи ќе почне формалниот процес на општински конференции, во кои пак ќе започне и изборот на нови делегати на Конгресот, кои на крајот на септември и почетокот на октомври ќе го изберат новиот Централен одбор, а тој потоа ќе избере нов Извршен одбор – рече тој.
Притоа, лидерот на СДСМ изјави дека партијата започнува подготовка на целосно нова стратегија и таканаречен „Блупринт за социјалдемократија“ – документ кој, според него, ќе биде новата идеолошка и политичка стратегија за ребрендирање и модернизација на СДСМ.
–Со него ќе направиме реафирмација на социјадемократските вредности прилагодени на новото време, земајќи ги предвид секако новите политики коишто ќе ги презентираме на еден инклузивен начин, со широка платформа во којашто беа вклучени многу фактори што ги делат нашите вредности – рече тој.
ЛУКСУЗИРАЊЕ, ЛИЦЕМЕРИЕ, ПОПУЛИЗАМ…
Потоа,Филипче на брифингот се осврна на новата влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ и премиерот Христијан Мицкоски, која, според него, имала лош старт поради луксузирањето, скандалите, голиот популизам… Патем, тој ја обвини владата и за лицемерие, бидејќи се однесуваат спротивно на она што го говореле пред избори.
Во тој контекст, го спомена Преспанскиот договор со Грција, истакнувајќи дека Владата не само што не го поништила или променила, туку го сквернави името на државата. Исто така, го спомена и Договорот со Бугарија, посочувајќи дека тие ќе го поддржат секое подобрување на преговарачката рамка, но не и блокада на интеграцискиот процес.
–Интеграцискиот процес е вратен 10 години наназад. Отворивме затворен проблем со Грција. Ова е гол популизам, се сквернави името, се брише од објави. На самитот на НАТО не видовме ниедна средба со релевантен партнер, туку само некое чудно сојузништво со Виктор Орбан. Ветија подобри услови во преговорите, ние тоа го чекаме, но нема да поддржиме блокада на процесот – рече Филипче.
Во насока на тврдењето за лицемерно однесување, тој потсети дека гарнитурата на ВМРО-ДПМНЕ иницирала упад во Собранието поради избор на спикер-Албанец (Талат Џафери), а сега исто така поддржала спикер-Албанец (Африм Гаши). Понатаму, најавувала кратење на администрацијата, но таа се зголемила, а уште побитно – работниците останале без повисоки плати, а некои воопшто не примиле плата.
–Сега имаме екстремно голем јавен долг, кој го лимитира фискалниот простор за други задолжувања. Унгарија позајмува пари со поголема камата од онаа со која нас ни ги позајмува, па што се крие зад ова должничко ропство? Кое е потеклото на парите и целта за позајмицата без контролни механизми? Дали Унгарија ќе презема компании и медиуми во земјава? – праша Филипче, додавајќи дека го чекаат законот во Собрание.
ЗГРЕШИВМЕ СО КРИВИЧНИОТ ЗАКОНИК
Инаку, тој рече дека владата и парламентарното мнозинство предводено од СДСМ згрешило со поддршката за измените на Кривичниот законик, со кои всушност се скратија казните за злоупотреба на службена положба и многу судски процеси застареа, но истовремено се оневозможи кривично-правен прогон и за многу други потенцијални законски прекршувања на функционери.
Иако тогашната Влада предводена од Димитар Ковачевски тврдеше дека овие законски измени се направени според германски модел, дека ќе овозможат поголема ефикасност и засилена конфискација на нелегално стекнат имот, сега новиот лидер на СДСМ вели поинаку. Според него, реакциите од јавноста и изборните резултати го натерале да ја увиди грешката.
–Имаме нов Кривичен законик изготвен од време на Рената Дескоска и владата сега нека го достави на јавна расправа, да дебатираме, сите да се произнесат. Во делот на правосудството, секогаш имавме соработка со меѓународните институции. Овие реформи треба да ги правиме со поддршка на меѓународната заедница, во спротивно мотивот најверојатно е партизација – рече Филипче.
На крајот, во однос на обвинувањата на ВМРО-ДПМНЕ дека се занимава со бизнис, за наместени тендери, за вреден имот – џип, хациенди и сл., тој рече дека секогаш работел чесно. Овие обвинувања, како што рече, на негова сметка се упатувале уште кога бил министер за здравство и сега се реафирмираат.
–Не можам да докажувам потекло на имот за имот кој впрочем не е мој – рече Филипче, додавајќи дека т.н. хациенда што му се припишува не е негова, туку на таткото на неговата сопруга. Ниту оваа ниту други куќи што се врзуваат со мене не ни знам каде се наоѓаат, дециден беше тој.
Влатко Стојановски