Вирусот ќе го победиме со многу дисциплина и безусловно почитување на мерките, порача министерот за здравство Венко Филипче преку фејсбук.
„Оние кои не веруваат во ова треба да ја погледнат состојбата во општина Дебар. Дебар беше прва општина која влезе во карантин, а денес е општина во која со недели нема ниту еден нов случај. Ова е заслуга на граѓаните и нивното дисциплинирано однесување. Ние не можеме вечно да живееме во карантин. Тоа е штетно за менталното здравје на граѓаните, за економија, за целото општество. Имаме два избори, или ќе го продолжиме да го враќаме животот во нормала почитувајќи ги безусловно мерките или ќе се враќаме назад кон силни рестрикции“, напиша Филипче.
Тој апелираше граѓаните да се воздржат од групирање, да одржуваат дистанца и носат заштитна опрема.