Младите лекари да не стравуваат затоа што имплементирањето на политиките што се однесуваат на нивниот стручен напредок ги правиме заедно со нив, вели министерот за здравство Венко Филипче.
Тој во гостувањето на „Утрински брифинг“ посочи дека програмата за специјалистички и супспецијалистички кадри пред две недели беше усвоена на седницата на Владата. Вкупно 498 специјализации и 87 супспецијализации се одобрени и ќе бидат распишани наскоро, согласно барањата на јавно-здравствените установи. Станува збор за студенти од Медицинскиот Факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” во Скопје, но и од Универзитетот „Гоце Делчев” во Штип.
-Минатата година само немаше распишано конкурс за специјализации поради ситуацијата со Ковид-19, сите одделенија беа ковид одделенија, менторите беа зафатени со третман на ковид пациенти. Младите лекари, што е нешто што треба да се потенцира, беа вклучени во третманот на овие пациенти. Програмата за специјализации веќе помина на седница на Владата, таа е усвоена. Таа е согласно барањата на јавно-здравствените установи, колку млади лекари има за да се пратат на специјализација. Вклучени се како Медицинскиот Факултет во Скопје со најголема бројка, така и Факултетот во Штип. 498 специјализации и 87 супспецијализации после ова поминување на програмата на Владата, што значи административната постапка е завршена, веќе ќе бидат распишани, кажа Филипче.