Филипче ги потврди новите четири случаи, се тестираат пациенти од Куманово, Скопје и Дебар

by fokus

Бројот на заболени од коронавирус во земјава е 35. Сите дијагностицирани се со лесна клиничка слика. Стабилна е состојбата на сите пациенти на Клиниката за инфективни болести, на пациентите во Дебар, како и на пациентката која е на респираторна машина и нема знаци за влошување на нејзината состојба. Четирите денеска потврдени случаи се поврзани со вчера дијагностицираните во Скопје и се членови на нивното семјство и нивни пријатели.

Се прават анализи на 30 лица од кои едно од Куманово, две од Скопје, а останатите се граѓани на Дебар и околината, а по скринингот односно проширување на индикацијата за тест. Станува збор за лица кои немаат симптоми, но е можно да биле во контакт со некој од заболените.

Ова попладнево на прес-конференција во Владата го истакна министерот за здравство Венко Филипче, кој рече дека негативни се тестовите на 12-те лица, кои пристигнаа со авион од Брисел, а за кои беше поставена индикација за тестирање, согласно податоците кои ги дале, и тие се пуштени дома во задолжителна самоизолација согласно препораките.

– Вчера од Деве Баир стигна група од 10 луѓе, кои се сместени во Пепелиште и во текот на вечерта и изутрината се прегледани од епидемиолог и согласно одлука заради тоа што е можно да пристигнат и повеќе луѓе тие ќе бидат префрлени во Заводот во Демир Капија. Имаше реакции дека условите таму се лоши, дека не се соодветни и затоа преземавме мерки за нивно префрлување. Ние сме во фаза на висока спремност доколку се појават граѓани кои беа заглавени на граничните премини вклучително и за сите оние кои доаѓаат денеска со авиони, рече Филипче.

Во врска со залихите на крв рече дека тие се сосема доволни, има идентична количина, како што имале истиот период минатата година со оглед на тоа што се одложени хроничните интервенции, а со цел да се превенира евентуален недостиг заради тоа што би се редицирале крводарителските акции. Појасни дека тоа била една од причините зошто е воведена ваква мерка која целосно се почитува од сите јавно здравствени институции, сите итни интервенции, онколошки интервенции се извршуваат со вообичаеното темпо, рутина и индикација.

– Од европските земји и Кина во насока на откривање на новите случаи стигнуваат публикации, луѓето ги публикуваат наодите. Имено објавено е во еден стручен научен труд за тоа како почна епидемијата во Северна Италија и дека најголемиот проблем со кој може да се соочи еден здравствен систем е за кратко време да се наполнат одделенијата за интензивна нега. Во Италија во градот Кодоњо кон крајот на јануари бил примен еден пациент со атипична пневмонија, кој бил дијагностициран со коронавирусот и веќе следниот ден 36 други пациенти кои не биле во директна епидемиолошка врска со претходно примениот пациент, а консекутивно по 10 до 15, односно 12 во првите три дена од епидемијата – пациенти кои имале потреба од механичка вентилација, односно лекување во одделенијата за интензивна нега, истакна Филипче.

Во таа смисла, потенцира, раното откривање, скрининзите по епидемиолошки индикации, како што веќе почнавме да правиме во Дебар, сега во околината во Струга, овие денови се прави планот и за некои населби и региони во Скопје и во други градови, согласно податоците кои ги имаат епидемиолозите, е многу битно за да се откријат што порано случаите за да не го оптоварат здравствениот систем и тоа понатаму да предизвика проблеми и компликации во лекувањето и неможност да се справуваме со овој проблем. Според него, масовен скрининг не значи дека целото население ќе биде тестирано, туку дека ќе се уловат групите луѓе кои можеби се во фаза на инкубација.

Филипче уште еднаш ги повтори пораките, а ти се: сите да се придржуваат до мерките за превенција, да не се излегува без потреба, да се држи дистанца, често да се мијат рацете.

Поврзани новости