Бројот на заболени во нашата земја значително се намали. Епидемијата е во фаза на смирување и ги гледаме добрите ефекти на мерките, рече денеска министерот за здравство, Венко Филипче.
-За 10 пати е намален бројот на заболени од ковид-19 во споредба од пред еден месец, што покажува дека епидемијата е под контрола, изјави Филипче соопштувајќи ги заклучоците и предвидувањата на Комисијата за заразни болести.
Тоа, како што рече, е резултат на доследно спроведување на препораките на оваа комисија која ги доставува до Владата.
Констатацијата дека епидемијата се смирува, односно е под контрола, е донесена врз основа на повеќе фактори, и тоа: бројот на новозаболени пациенти, број на пациенти во болниците, број на пациенти со тешка клиничка слика и на респиратори, бројот на слободни кревети во болниците, број на починати лица, проценти на пациенти за кои се знае кластерот на заразата, како и Р-0 факторот на преносливост. Сите овие фактори, како што рече Филипче, се значајно подобрени од почеток на епидемијата.
-Ние треба да сме свесни дека вирусот нема да исчезне. Сликата ќе се смени кога ќе открие вакцината, а дотогаш треба да научиме да живееме со вирусот. Отворањето на границите, патувањето надвор, влезот на странци – можат да ја влошат состојбата. Што се однесува до мерките, тие секаде беа различни и не треба да се споредуваме, рече тој.