Министерот за здравство, Венко Филипче на вечерашната прес конференција информираше дека се лоцирани сите 8 сопатници плус возачот на пациентката која има коронавирус. Според протоколот, полициски екипи ќе ги обезбедуваат домовите на овие лица, а ќе бидат лоцирани и сите лица кои биле во контакт со нив.
-Со сите сопатници е контактирано телефонски и екипи на епидемиолози се упатуваат кон нивните домови. Нема да бидат тестирани, бидејќи тестот може да биде лажно негативен поради периодот на инкубација, и затоа ќе бидат изолирани и ќе се следи нивната состојба. Четворица од патниците се во Скопје, а петмина во Струмица, рече Филипче.
Тој додаде дека со оглед на тоа што заболената има 50 години, и со оглед на тоа што нема други состојби на белите дробови, пациентката има големи шанси да се излечи.