Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, на денешната прес-конференција упати силна критика кон новиот Предлог Буџет за 2025 година, оценувајќи дека тековната владина политика на постојано задолжување претставува сериозен ризик за иднината на земјата. „Со овој буџет, државата се води кон опасна зона на задолженост. Без конкретни проекти за развој и без одговорност, Владата ги презема ризиците што ќе ги плаќаат нашите деца и внуци,“ изјави Филипче, додавајќи дека без остварливи планови за раст, сегашните долгови ќе паднат на товар на три идни генерации.
Според него, со проектиран буџетски дефицит од 4% од БДП, кој го надминува законски дозволениот лимит од 3%, Владата директно ги прекршува финансиските регулативи на земјата и го загрозува фискалниот поредок. „Стануваме опасно задолжена држава, што го потврдува безидејниот пристап на оваа власт,“ предупреди Филипче, истакнувајќи дека граѓаните ќе бидат тие што ќе ги почувствуваат последиците преку зголемени даноци или кратење на јавните услуги.
Филипче особено се осврна на прашањето за непродуктивните трошоци предвидени во буџетот, додека се намалуваат средствата за капитални инвестиции во клучни сектори како образование и здравство. „Оваа Влада троши повеќе на непродуктивни ставки наместо да ги насочи средствата кон области што би донеле подобар животен стандард и развој,“ додаде тој.
Неодамна и дел од економиситте и експертската јавност коментираа дека со зголемен јавен долг и без видлив економски раст владините политики ќе придонесат кон нестабилна економска иднина.