Поранешниот министер за здравство од владата на СДСМ, Венко Филипче пред три месеци ја напушти раководната позиција во Министерството за здравство, со кое управуваше цели четири години.
Сепак, и со неговото заминување, тој „остави“ личен печат на старото работно место, па само неколку месеци пред заминувањето договара тендер за набавка на ангиографи, апарат кој е клучен за срцевите заболувања, поточно служи при акутен инфаркт и за стентирање пациенти.
Според договорот објавен на Бирото за јавни набавки, може да се забележи дека целата тендерска процедура почнала на 31 август лани, со што вкупната бизнис-зделка достигнува сума од рекордни 2 милиони евра за набавка на три ангиографи за потребите на скопските клиники за кардиологија и радиологија, како и болницата за кардиоваскуларни заболувања во Охрид.
Целата постапка за набавка оди преку ресорното Министерство, со оглед на тоа што самите болници не располагаат со големи буџети, за да можат самите тие да ги набават потребните медицински апарати. Секоја болница може да набави медицинска опрема, материјали и лекови само во вредност до 60.000 евра. Сѐ што е над таа сума оди преку буџетската сметка на ресорното Министерство.
Според податоците на БЈН, постапката и договорот почнуваат уште во времето на Филипче, но потпис на целиот тендер става новиот министер за здравство Беким Сали, кој ги добива само документите за да се запечати договорот.
„Сите процедури беа поминати, јас само потпишав“, вели Сали.
Склучените договори покажуваат дека еден од набавените ангиографи со сите дополнителни елементи чини околу 700.000 евра. Тоа може да се види и во официјалните документи, при што едниот договор е склучен на 18 март годинава, додека вториот само три дена подоцна на 21 март.
Станува збор за еден тендер, на кој е наведена вредноста од околу 2 милиони евра, меѓутоа на Бирото за јавни набавки се објавени и посебно болниците, поточно колку е сумата на секој апарат за секоја јавна здравствена установа. Очигледно, деновиве ќе биде објавена и цената на третиот апарат за срцеви заболувања.
Податоците уште покажуваат дека двата ангиографa се набавени од две различни компании, но целосната сума оди од сметката на Министерството за здравство.
Целиот текст прочитајте го во новиот број на неделникот кој можете да го купите и во електронска форма на овој линк.
Ирена Мулачка