И лидерот на СДСМ Венко Филипче реагираше во врска со информациите што ги пласираше премиерот Христијан Мицкоски во интервју за „Фокус“ дека ДУИ наесен планира дестабилизација на државата, со цел, како што рече, да го заштити капиталот стекнат во изминатите 20 години.
„Доколку Мицкоски поседува било какви информации за можна дестабилизација или нарушување на мирот во земјата, истите мора итно да ги сподели со надлежните институции. Во спротивно, тој станува соучесник или политички фактор кој можеби од таквата состојба има интерес.
Информациите за дестабилизација кои два дена по ред ги пласира премиерот предизвикуваат немир кај граѓаните, а негова лична одговорност е да превенира таква состојба. Доколку тој сам не ги сподели информациите, ги повикувам истражните органи да поведат постапка и ги истражат овие наводи.
Како претседател на СДСМ која е одговорна партија, секогаш се спротиставувам на било какви форми на дестабилизација. Исто така, не смее да се дозволи ниту манипулации со чуствата на граѓаните и предизвикување состојба на тензија, без конкретна акција од страна на државата“, напиша Филипче на Фејсбук.
Во интервјуто за неделникот „Фокус“, Мицкоски, говорејќи за иницијативите на ДУИ за озаконување на правилото „победник со победник“ и територијална реорганизација по белгиски модел, посочи дека не ја исклучува можноста одредни групи и структури да бидат несвесно изманипулирани, а тоа, според него, може да го предизвика територијалниот интегритет и суверенитет, односно да создадат криза.
–Со ова неодговорно однесување, ДУИ ја загрозува интеретничката слика во државата и претставува закана по мирот и стабилноста на Македонија како држава. И, ние ќе ги преземеме сите неопходни мерки како влада, за да го заштитиме суверенитетот и територијалниот интегритет на Македонија како држава. Но, во суштина, овие пораки се обид грчевито да се брани богатството стекнато во изминативе 20 години на власт.
И тоа е факт, затоа што демократијата подразбира тој што има мнозинство во парламент да има и влада. Ниту на Балканот, ниту на Европа ѝ е потребен уште еден конфликт. Состојбата со Косово гледаме како се развива, Босна и Херцеговина, да не зборувам за војната во Украина… – рече тој.
Според него, начинот на кој функционира демократијата, не оди заедно со „победник со победник“, зашто, како што нагласува, во политиката не може малку со едните, малку со другите, особено не во ситуација на дијаметрално различни платформи.
–Не може 7 години да бидете во влада со СДСМ и да речете – тоа веќе не важи и сега ќе одам со ВМРО-ДПМНЕ. Тоа така не може! Вие сте го избрале вашиот коалициски партнер и врз основа на програма сте функционирале, без разлика каква била таа. Таа била владина програма, таа влада е поразена, делегитимирана и тука завршува целокупниот процес.
ДУИ со коалицијата и СДСМ заедно освоија помалку од 300 илјади гласови. ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата освоија близу 450 илјади гласови, а заедно со ВЛЕН и ЗНАМ повеќе од 600 илјади. Јасна е волјата на народот. Во таква нова политичка реалност, во име на парламентарната демократија, поразените треба да одат во опозиција, а победникот ја создава структурата на идната влада – рече премиерот за „Фокус“.
На денешната прес-конференција со косовскиот премиер Албин Курти, пак, Мицкоски повтори дека располага со информации добиени по повеќе канали дека ова раководство на ДУИ, во обид да го заштити капиталот што го создаваше изминатите 20 години, ќе преземе чекори во насока на дестабилизирање на државата оваа есен.
–Ние како Влада имаме полно право да го браниме територијалниот суверенитет и интегритетот и мирот на граѓаните. Тоа е и целта на една држава. Врз основа на тие информации што ги имаме очекуваме тоа да се случи оваа есен. Да почекаме времето да даде одговор, дали тие информации ќе се потврдат или нема да бидат точни – рече Мицкоски.
Мицкоски повтори: Имаме информации дека ДУИ есенва подготвува дестабилизација!
Во меѓувреме, во врска со ваквите прозивки се огласија од Мала Речица, од каде соопштија дека „ДУИ како државотворна партија е гарант за мирот, стабилноста, благосостојбата и европската иднина на земјата“. Притоа, од таму велат дека ќе ги преземат сите демократски мерки и средства за да го спречат „понижувањето и мајоризацијата на Албанците преку наметнување на вазали“.
„Без да ги коментираме политичките спинови и блефови, сакаме да појасниме дека имаме мандат и одговорност од албанските гласачи за заштита на легитимитетот, политичката волја и достоинството на гласот и албанскиот народ во Северна Македонија. Ќе ги преземеме сите демократски мерки и средства за да го спречиме понижувањето и мајоризацијата на Албанците преку наметнување на вазали.
Што се однесува до неоснованите обвинувања за прекршување на законот, уште еднаш ги повикуваме политичките партии на проверка на сите носители на јавни функции со меѓународна помош. Само така ќе престане блефирањето, ловот на вештерки и злоупотребата на борбата против корупцијата за политички цели…“, соопштија од ДУИ.
ДУИ одговори кон прозивките на Мицкоски за есенска дестабилизација: Ние сме гарант за мирот!
В.С.