Филипче до ИВЗ и МПЦ-ОА: Верските собири се голем ризик за пренесување на вирусот, сето тоа ќе не врати на почеток

by Frosina Fakova

Засега нема посебни мерки или препораки од епидемиолозите за Струга поради ризикот од вчерашниот масовен верски собир и ќе важат мерките што сега се во сила. Но ваквите настани сериозно може да влијаат, зашто и најмала трансмисија понатаму може преку кластер да се прошири со примарни или секундарни контакти, рече министерот за здравство Венко Филипче.

Во таа насока бил и разговорот со двајцата верски поглавари, на ИВЗ и МПЦ-ОА, што денеска го имал и кои ги повикал да се придржуваат до актуелните мерки односно да нема организирање поголеми групи.

Во однос на тоа што ИВЗ информирала дека на 12 мај се отвораат џамиите, Филипче нагласи дека е сè уште во сила забраната за групирање на повеќе од двајца.

Во воведниот дел од прес-конференцијата го осуди вчерашниот верски собир во Струга за кој рече дека е чин на непочитување на здравствените работници и на сите други кои, како што рече, два и пол месеца пожртвувано работат да излеземе од кризата, како и непочитување на мнозинството граѓани кои се придржуваат до мерките.

Очекува темелна истрага од институциите за собирот во Струга и бара да се санкционираат извршителите и построго да дејствуваат за да нема вакви случаи.

-Токму со мерките, кон кои повеќето граѓани се придржуваа, се стабилизираше епидемијата во земјава. Секое неодговорно собирање ќе нè врати на почеток на епидемијата и во кризата. Исклучително е висок ризикот да се зголеми трансмисијата на вирусот во вакви случаи, нагласи министерот за здравство.

Поврзани новости