Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, во интервју за Радио Слободна Европа истакна дека партијата научила значајна лекција од коалицирањето со ДУИ, поради што сега постои јасна дистанца која е резултат и на барањето на членството, но и на политичката реалност.
„Ние научивме една многу сериозна лекција од коалицирањето со ДУИ. Многу работи ни се удрија од глава и тоа морам да бидам искрен и да го признаеме. Дистанцата е нешто што природно дојде, како барање на членството, но и како чувство и емоција кон коалиција која не беше принципиелна“, изјави Филипче.
Тој категорично демантираше какви било разговори за поддршка со ДУИ на локално ниво во некои општини, потенцирајќи дека во иднина СДСМ ќе формира само принципиелни коалиции, засновани на взаемна почит и заеднички вредности.
„Што научивме од таа коалиција? Само принципиелни коалиции ќе формираме во иднина, само коалиции коишто се базирани на взаемна почит и делење на исти вредносни политики“, нагласи Филипче.
Со ова, Филипче испраќа јасна порака дека СДСМ нема да дозволи повторување на грешките од минатото и дека секоја идна политичка соработка ќе биде заснована исклучиво на јасни принципи и заеднички цели во интерес на граѓаните.