Дури 50 проценти од децата родени во 2017 година не се вакцинирани со МРП вакцината. Процентот на невакцинирани деца понатаму опаѓа и во 2016 година изнесува 30 проценти. Но, тоа е сериозно висок процент невакцинирани деца. Категорично и енергично ќе стоиме на ставот дека децата во градинка и во училиште треба да се примаат само вакцинирани, бидејќи никој нема право да го загрозува здравјето на останатите деца и да влијае на сите фактори кои влијаат на јавното здравје, заради тоа што децата се нашата иднина, а ние сакаме здрави деца.
Ова денеска го истакна министерот за здравство Венко Филипче, кој рече дека сериозно високиот процент невакцинирани деца е резултат на силно изразените антивакцинални кампањи.
– Во прво одделение околу 20 проценти од децата не се вакцинирани, што исто така сериозно не загрижува заради тоа што примовакцината која се прима прва на најмала возраст е таа која го создава вистинскиот имунитет. Веќе преземавме мерки и во рамки на тоа како сега е структуриран системот се упатува повик до сите родители чии деца не се вакцинирани, нагласи Филипче, одговарајќи на новинарско прашање по прес-конференцијата на која потпиша Меморандум за соработка со израелскиот амбасадор Дан Оријан и со директорот на Фондот за иновации и технолошки развој, Јован Депотовски, за зајакнување на здравствениот систем.