Министерот за здравство, Венко Филипче и амбасадорката на САД во Република Северна Македонија, Кејт Мари Брнз, вчера беа во посета на Институтот за јавно здравје. Поводот за посетата е донацијата во тестови, центрифуга и кабинет за биосигурност, во вредност од 12.000 американски долари која оваа институција неодамна ја доби од амбасадата на САД.
Во присуство на директорот на установата, Шабан Мемети, тие направија обиколка низ Лабораторијата за вирусологија и молекуларна дијагностика, како и низ претходно донираната лабораторија за вирусологија со трет степен на биосигурност од страна на американската амбасада во вредност од 500 илјади американски долари. Оваа недела, американската амбасада и Институтот за јавно здравје се согласија за модификација на проектот со кој ќе се зголемат капацитетите за тестирање на институтот за 10-15%.
Министерот Филипче упати благодарност до амбасадорката Кејт Maри Брнз за несебичното залагање уште од почетокот на кризата, кога добивме огромна помош, прво во заштитна опрема, материјали, а понатаму и во медицинска опрема за Инфективната клиника и заштитна опрема специфично за Клиниката за гинекологија и акушерство.