Директорот на Државниот архив, Филип Петровски, кој е доктор на политички науки, е избран за виш научен соработник на Институтот за национална историја, иако Законот за високо образование предвидува дека за виш научен соработник
може да биде избрано лице кое има научен степен доктор на науки од научната област во која се избира, објави СДК.
„Врз основа на целосно презентираниот негов наученоистражувачки и стручен ангажман, може да се констатира дека станува збор за посветен истражувач од областа на поновата македонска историја и архивистика. Тој умее да работи самостојно, аналитички да ги проследува аргументите и на високо професионално ниво да донесува соодветни заклучоци“, стои во заклучокот на Рецензентската комисија на Институт што го направила изборот, составена од професорите Наташа Котлар-Трајкова, Вера Гошева и Ленина Жила.
Инаку, Петровски во 2010 година станал доктор по политички науки, а во 2012 година е избран за доцент од областа на политичките науки по наставните предмети Југоисточна Европа во трансатланските односи и современа политичка историја на Македонија на Факултетот за студии на Југоисточна Европа при Универзитетот „Евро-Балкан“ во Скопје, формиран од актуелниот македонски амбсадор во Лондон Јован Донев.