Да ставиме акцент на она што можеме да го направиме, наместо постојано да наведуваме сè што аутизмот го прави тешко или „невозможно“, е пораката која ја носат уметничките слики на Филип Циглењак Симоновски, девет-годишно момче од Скопје, кој создава ремек дела на платно со својата детска креативност.
Како дете со аутизам, тој ги проширил границите на својот свет со четката во рака, и во среда (14.12.2022), во 10 часот, во организација на ЈУ Детски културен центар – „Карпош“, здружението „Во мојот свет“ и Идеа Лаб, околу 40 уметнички дела на Филип, ќе бидат изложени во ЈУ Детски културен центар- „Карпош“.
Со изложбата, Филип ќе покаже колку е посебен, талентиран и единствен. Цртањето и сликањето се всушност еден вид невербална комуникација, па така Филип, преку неговите уметнички дела, на вистински начин го изразува своето внатрешно битие со околината која со интерес ја следи неговата креативност.
Инаку, тој е редовен ученик во четврто одделение при основното училиште „Ристо Крле“ во Кадино, а од своја четиригодишна возраст, сосема случајно, почнува да слика акрил на платно. Од тогаш неговите слики, чии најчест мотив е природата, зборуваат со силни бои и носат наплив од емоции.
Вики Клинчарова