Факултетот за информатички и комуникациски технологии (ФИКТ) при Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола следната година ќе добие ИТ Хаб/Акцелератор – БИТХАБ, што ќе се простира на поткровјето на Факултетот, на површина од околу 800 м2 и ќе биде еден од најголемите ИТ хабови и акцелератори во регионот.
– ИТ индустријата ќе добие простор каде ќе биде во директен контакт со студените уште во текот на нивното студирање и можност да ги ангажира на конкретни проекти и на тој начин обезбеди квалитетен ИТ кадар. Студентите на ФИКТ ќе добијат можност за практична работа во текот на студирањето, на реални проекти и на тој начин го надминат она што вообичаено се потенцира како недостаток на системот за високото образование, недоволните практични знаења и вештини на студентите. Секако и самиот ФИКТ кој не само што ќе обезбеди подобри услови за студирање, туку преку соработка на наставниците и студентите со претприемачки амбиции ќе овозможи создавање на таканаречен универзитетски spin-off претпријатија односно преточување на научните и стручните истражувања во нови бизниси, истакна проректорот за наука на Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола, проф. д-р Игор Неделковски.
Годината што изминува, ФИКТ ја одбележи и со реализацијата на проектот Креирање можности за вработување на младите дипломирани кадри во рамки на прекуграничниот проект „Вработи млади“. Проектот е финансиран од Европската унија ИПА програма за прекугранична соработка со Грција и националните фондови на земјите учеснички.
Општа цел на проектот е зајакнување на регионалната кохезија и подобрување на конкурентноста на двете економии преку зголемување на конкурентноста, продуктивноста и иновативноста на дипломираните кадри што ќе резултира во зголемување на степенот на вработеност во пограничниот регион.
Специфична цел е креирање на можности за вработување на дипломираните преку искористување на компаративните предности на прекуграничната област, со користење наиновативни алатки и практики.
Во рамки на проектот „Вработи млади“ се подготвуваат тимови кои имаат подготвено бизнис планови, со цел да ги презентираат во Грција пред потенцијални инвеститори, таканаречени „venture“ капиталисти, кои доколку видат потенцијал во бизнис плановите можеби ќе одлучат да инвестираат во реализацијата на истите