Фијала: Чешка за нов претседател го избра Петр Павел, победи граѓанскиот кандидат

by Fokus

Чешкиот премиер Петр Фијала денеска им честиташе на Чесите што го избраа пензионираниот генерал, поранешен началник на Генералштабот, а подоцна и втор човек на НАТО, Петр Павел (61), за нов претседател на земјата.

„Победи граѓанскиот кандидат и вредностите што тој ги застапува, а тоа е многу важна вест во овие меѓународно и економски тешки времиња. Зад нас е најодвратната изборна кампања во поновата историја. Општеството од неа излегува поделено. Добро е што во претседателскиот дворец Храдчани ќе биде претседател кој сака да обединува“, рече премиерот Фијала.

Чешкиот премиер оцени дека денешниот пораз на изборите за претседател на Чешка заедно со поразот на парламентарните избори за поранешниот популистички премиер, петтиот најбогат тајкун во Чешка, Андреј Бабиш, може да значат крај на неговата популистичка ера.

„Во кампањата пред претседателските избори популизмот беше директно поврзан со екстремизмот, а тоа е многу опасно. Бевме сведоци на поттикнување стравови, доведување во прашање на нашите меѓународни обврски. Бевме сведоци на напори за разгорување страсти, злоупотреба на стравовите на луѓето. Популизмот е опасен затоа што не познава граници“, рече премиерот Фијала.

Петр Павел добива силен мандат од чешките гласачи, бидејќи според прогнозите освоил повеќе гласови од неговиот претходник, претседателот во заминување Милош Земан.

„Мислам дека овде нема победнички и поразени гласачи. Сите ние сме граѓани на Чешка. И гласачите на Андреј Бабиш сакаат државата да функционира и да им помогне“, рече генералот Павел во првите реакции за победата.

Поврзани новости