Актуелниот француски претседател Емануел Макрон и лидерката на екстремнодесничарската партија Национален собир, Марин Ле Пен, остануваат фаворити на претседателските избори закажани за пролетта 2022 година, според резултатите од најновото истражување на јавното мислење што ги објави парискиот весник „Фигаро“, .
Според нив, Макрон би добил помеѓу 24 и 29 проценти од гласовите во првиот круг од изборите, а Марин Ле Пен помеѓу 24 и 27 проценти од гласовите, со што и двајцата, како и на изборите пред пет години, би влегле во вториот круг од претседателски избори.
Десничарот Ксавиер Бертранд би бил на третото место, покажува анкетата, со солидна изборна база, бидејќи за него би гласале симпатизери на десницата, така што не се исклучува можноста за влез во вториот круг од изборите.
Останатите десничари, вклучително и поранешниот преговарач на Европската Унија за „брегзит“, Мишел Барние, ќе добијат 11 проценти од гласовите, пишува „Фигаро“, додавајќи дека Барние може да биде изненадување, бидејќи него не го следат скандали.
Претседателката на десничарското движење „Слободни“ (Либрес), Валери Пекрес (54), која ја објави својата кандидатура, би добила околу 14% од гласовите.
Левицата е во застој, бидејќи помеѓу седум и девет проценти од гласачите би гласале за градоначалничката на Париз од редот на социјалистите, Ана Идалго, и за лидерот на радикалната левица, Жан-Лук Меланшон – помеѓу девет и десет проценти.
Најслабиот резултат би го постигнале поранешниот социјалист Арно Монтебур и комунистот Фабиен Расел со два до 2,5 проценти од гласовите.
Центристот Макрон беше избран за претседател на Франција во вториот круг од претседателските избори одржани на 7 мај 2017 година, и официјално ја презеде функцијата на 14 мај истата година.