Фифи Јаневска: Јас победив во мојата битка, време е да им помогнам на останатите од ЛГБТ заедницата

by Fokus

Скопје се подготвува за втората Парада на гордоста која ќе се одржи утре, и веќе е објавена листа на уметници кои ќе имаат свој настап пред присутните. Помеѓу музичките имиња, за прв по седумгодишна пауза од настапи во земјава, на сцената ќе застане и трансродовата поп пејачка Фифи Јаневска.

Таа се појави на естрадата пред околу една деценија и го привлече вниманието на јавноста со одличниот вокал, но и со, за тоа време, невообичаениот исфеминизиран изглед, кој наиде на низа на критики. Додека нејзините песни „Чувај ми место“, „Маски“, „Бла, бла, бла“, „Намерно“, „Ти си ми потреба“ и други редовно се вртеа по радио станиците, играњето со отворени карти на сметка на родовата определба од страна на Фифи беше актуелна тема, за која дури се дебатираше и во Парламентот.

Во 2014 година пак, со учеството во регионалното музичко шоу „Икс фактор“ Фифи стана познат лик во целиот регион, кој доби низа на следбеници на социјалните мрежи, првенствено поради своите вокални способности, но и искреноста и отвореноста кои се дел од нејзиниот начин на функционирање. Сепак, неприфаќањето на различностите во нашата средина, најверојатно беше пресудно таа да замине во Шведска, каде ја започна транзицијата и продолжи да се занимава со музика.

Пред утрешниот настап во Скопје, за „Фокус“ Фифи открива дека е возбудена и пресреќна што организаторите ја поканиле. Таа е одличен соговорник и интелигентна личност со која соработката секогаш поминувала во крајно професионална атмосфера, лик кој доживеал многу животни удари, но како што вели, никогаш не заборава кој бил, а кој не бил човек со неа.

-Со години наназад не сум дала изјава во Македонија… Последниот настап во нашата земја го имав одамна, во 2014 година… Помина долго време, за мене тоа е буквално како некој друг живот, друга реалност. Кога ќе погледнам назад, не можам да поверувам низ што се сум поминала и до каде сум стигнала. Јас победив во мојата битка, и сега е време да им помогнам на оние ЛГБТ лица на кои тоа им е потребно, ако не со нешто друго, барем со своето присуство- појаснува Фифи.

Околу ЛГБТ заедницата во земјава која се уште се соочува со дискриминација и е честа мета на напади, на говор на омраза, па и закани по живот, вели дека сепак, има промени на подобро, иако нештата се движат бавно.

-Дефинитивно има промени на подобро во земјава кога станува збор за ЛГБТ заедницата и нашите права, но се уште има многу работи за да се постигне рамноправно општество. Ако направам споредба на тоа, како беше кога заминав од Македонија и сега, можам да кажам дека има огромни промени, луѓето се будат, има се помалку предрасуди и многу голем број на луѓе се поотворени. Љубовта не е зло. Полошо е кога не може да се искаже, се притајува, се држи затворена во четири ѕида. Тоа е огромен проблем за ЛГБТ заедницата, и создава многу психички проблеми, бидејќи си приморан да криеш нешто кое е всушност нормално и убаво, а тоа е љубовта. Поради тоа, а и од мое лично искуство, бидејќи овие нешта ги имам почувствувано на своја кожа, јас избирам да сум видлива, и да се борам за своите права- ни изјави пејачката, која наскоро пак заминува во Шведска.

Покрај Фифи, на Парадата на гордоста е најавено гостувањето и на Васил Гарванлиев, Туна, Зоки Бејбе, Узун Баба и други. Парадата ќе почне во паркот „Жена –борец“, а ќе крајна дестинација е „Школка“ во Градскиот парк. Организатор на настанот е Националната мрежа против хомофобија и трансфобија, со цел еднаков третман за сите луѓе.

Вики Клинчарова

Поврзани новости