ФИФА го опомена хрватскиот фудбалер Вида поради „Слава на Украина“

by fokus

Светската фудбалска федерација ФИФА упати остро предупредување до хрватскиот репрезентативец Домагој Вида за неспортско однесување по синоќешната победа на Хрватска над Русија.

Имено, по натпреварот на социјалните мрежи се појави видео во кое Вида извика „Слава на Украина“. Огњан Вукојевиќ, кој ја посвети победата на Украина, исто така беше обвинет за неспортско однесување.

Вида играше за украинскиот гигант Динамо Киев во периодот 2013-18, а Вукојевиќ беше играч на Динамо од 2008 до 2015 година, а сега работи како скаут.

Изјавите на двајцата беа толкувани како политички поради несогласувањата меѓу Русија и Украина, а ФИФА традиционално не толерира такви настани.

– Испративме предупредување до Домагој Вида поради видеото, потврдија од прес-службата на ФИФА.

Хрватска ја победи Русија по изведувањето на пенали и се пласираше во полуфиналето на Мундијалот 2018.

– Нема политички ноти во пораката. Тоа е шега, насочена кон моите пријатели од Динамо Киев. Ја сакам Русија, ја сакам и Украина, изјави Вида за „Спорт експрес“.

Поврзани новости