Фидан: Турција е подготвена да биде домаќин на украинско-руските преговори

by Fokus

Турскиот министер за надворешни работи, Хакан Фидан за време на разговорите на безбедносната конференција во Минхен им кажа на американскиот специјален претставник за Русија и Украина Кит Келог и на државниот секретар Марко Рубио дека Анкара е подготвена да прифати мировни преговори за Украина, пренесе Танјуг.

Како што објави весникот „Туркије“, повикувајќи се на извори, Фидан за два месеци имал четири телефонски разговори со рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров.

Фидан на Минхенската безбедносна конференција се сретна и со новиот американски државен секретар Марко Рубио.

На средбата се разговараше за прашања поврзани со украинско-руската војна и случувањата поврзани со можноста за воспоставување мир меѓу двете земји.

Шефот на турската дипломатија, кој во Минхен се сретна со специјалниот претставник на Трамп за Украина и Русија, Кит Келог, со шефот на кабинетот на претседателот на Украина, Андриј Јермак и со украинскиот министер за одбрана Рустем Умеров, како и со Рубио, оцени дека Турција треба да биде дел од мировниот процес.

Се наведува дека Турција го покренала прашањето за домаќинство на прекинот на огнот или мировните преговори, а како што пишува весникот, се дознава дека Анкара изјавила дека има блиски врски со двете земји и дека може да придонесе повеќе од многу други актери.

Поврзани новости