Што значи шопинг-лудилото Black Friday

Се верува дека името е добиено во Филаделфија во 60-тите години, каде возачите на автобуси го користеле за да го опишат густиот сообраќаj.

by Fokus

И покрај новиот корона бран и најавата за поригорозни мерки, трговците не отстапуваат од „Блек фрајдеј“.

Ова е втора година по ред како во време на корона се организира “Блек фрајдеј“, но трговците се надеваат дека годинава нема да се повторат редиците и гужвите од минатата година, бидејќи со новите мерки во шопинг моловите можат да влезат само лицата кои поседуваат сертификат, односно се целосно вакцинирани.

Покрај сертификатот, купувачите мора да ги почитуваат и мерките за заштита, како задолжително носење маски, одржување на растојание, дезинфекција на рацете.

Трговците велат дека во продавниците секојдневно се почитуваат протоколите, а освен редарска служба има и ограничувања на бројот на посетители, сигнализации за одржување на растојание како и одредување насока на движење, достапност и распоред на средства за дезинфекција, редовна хигиена и дезинфекција на сите системи за вентилација.

Во моловите попусти има во речиси сите продавници и на сите модни брендови, но за разлика од другите земји каде на попуст се нудат и парчиња од нови колекции кај нас ретко ќе начекате попуст на моделите од актуелните колекции.

ПОПУСТ ИЛИ ТРИК

Некои од граѓаните сметаат дека попустите не се реални, бидејќи не се намалува последната цена, туку првата цена пред производот да биде намален.

Поради тоа „Блек фрајдеј„ за нив е уште еден маркетиншки трик и можност за трговците да продадат и да заработат повеќе.

Освен во продавниците за „Блек фрајдеј“ големи попусти има и на интернет, особено последниве години кога онлајн продажбите станаа се повеќе актуелни.

СЛОБОДЕН ДЕН ЗА ШОПИНГ 

Секоја година, еден ден после Thanksgiving (ден на благодарност), празник кој Американците го слават, е познатиот Black Friday, кој го сигнализира почетокот на празничната шопинг сезона.

Иако овој ден не е официјален празник, многу работодавачи во Америка им даваат слободен ден на вработените и сите го користат тоа за празничен шопинг со големи попусти.

 

Овој ден стана маркетинг сензација која со текот на годините се прошири речиси насекаде низ светот и важи за најголем шопинг ден во годината.

Шопинг центрите и продавниците посебно се подготвуваат за овој ден и нудат специјални попусти и промоции за купувачите кои пазарат цел ден, а попустите многу често траат цел викенд.

Некои „шопинг зделки“ се во ограничени количини па токму затоа луѓето буквално „се тепаат“ за да го добијат она што го замислиле во свои раце.

ЗОШТО БАШ ЦРН ПЕТОК?

Се верува дека името е добиено во Филаделфија во 60-ите години, а возачите на автобуси го користеле за да го опишат густиот сообраќат кој ги „гуши“ градските улици ден после Thanksgiving, кога луѓето го започнуваат празничниот шопинг за Божиќ и Нова Година.

Друга теорија е дека, заради сообраќајниот метеж се случувале многу несреќи, а и често имало насилство, па полицијата го нарекла денот „црн петок“.

Но, на бизнис индустријата не и се допаѓала оваа негативна асоцијација со денот, посебно на трговците со оглед на тоа што тој важи за шопинг ден, па во ’80-ите му дале попозитивна смисла која почнала да се шири.

Според позитивните теории, црниот петок е ден кога продавниците остваруваат голем профит. Од сметководствен аспект, губењето пари и негативните суми се обележувале со црвено мастило.

Позитивните суми пак, односно профитот, се обележувал со црно мастило, па затоа денот кога продавниците остваруваат најголем профит во годината е наречен црн.

Во прилог на американската манија за шопинг за време на „Блек Фрајдеј“ зборува и тоа дека многу луѓе кампираат по неколку дена пред продавниците за да бидат први во редот.

СТАМПЕДО ВО ПРОДАВНИЦИТЕ

За време на овој ден, неретко се случува стампедо пред продавниците кое предизвикува и фатални исходи.

 

Познат е случајот за смртта на 34- годишниот продавач во САД кога над него паднале влезните врати кои попуштиле пред навалата на масата купувачи.

За оние кои не ги сакаат гужвите на овој ден, остануваат предизвик Интернет варијантите – Cyber Black Friday и Cyber Monday кои онлајн нудат огромни попусти на овој ден.

Кај нас „Црниот петок“ станува традиција од пред неколку години, поточно со отворањето на големите трговски центри во Скопје. Со попусти настапуваат сите модни марки и продавници, а тие се движат од 20 до 50 или дури 70 отсто во зависност од актуелноста на производите и „староста“ на колекциите.

Како и во светот, ретко ќе налетате на овој ден на големи попусти на моделите од актуелните колекции, секако ќе можете да најдете супер модно парче по супер цена.

С.Т.

Поврзани новости