Претседателот Бајден силно го поддржува регионот особено Северна Македонија, рече Блинкен на средбата со Ковачевски

by Fokus

Соединетите американски држави високо го ценат придонесот на  Република Северна Македонија во регионалниот контекст, но пред се како цврст НАТО сојузник, рече американскиот државен секретар Ентони Блинкен на состанокот со македонскиот премиер Димитар Ковачевски и министерот за надворешни работи Бујар Османи, кои се на работна посета на Вашингтон.

Блинкен истакна дека САД ќе продолжат да ја поддржуваат Северна Македонија во нејзините следни чекори, ценејќи ги досегашните храбри и мудри одлуки кои Владата ги презеде во насока на обезбедување просперитетна иднина во рамки на ЕУ и НАТО, соопшти владината прес служба.

„Блинкен ја пренесе силната долгогодишна поддршка на претседателот Бајден на регионот и особено на Северна Македонија, со надеж дека земјата ќе ги искористи можностите кои се пред неа, а на тој пат САД ќе  стојат цврсто со Северна Македонија“, се стои во соопштението.

Премиерот Ковачевски на средбата оцени дека двете држави во континуитет негуваат продуктивен политички дијалог и дека Северна Македонија останува стабилен стратешки партнер и докажан сојузник на САД. Двете држави споделуваат длабоки врски, засновани на заедничка почит на демократските вредности и човековите права и ваквите односи ќе продолжат да се развиваат со уште посилна динамика.

„Северна Македонија добива силна и континуирана поддршка од САД во остварувањето на стратешките цели од прогласувањето на независноста до денес. Сакам да изразам искрено задоволство од успешното започнување на Стратешкиот дијалог со САД, што е нова одредница во нашите пријателски односи, подобрување на взаемните политички, економски и други форми на дијалог, образовни и културни врски“, рече премиерот на средбата со Блинкен, кој истакна дека тој дијалог е од интерес на двете земји за конкретизирање на соработката во сите сфери од заемен интерес.

Ковачевски ја нагласи важноста од досегашната поддршка на САД за продолжување и интензивирање на реформскиот процес за натамошна демократизација на нашето општество, веладеење на правото, борба со корупција и криминал, што е значајно охрабрување во процесот на пристапните преговори за членство на Северна Македонија во ЕУ.

„Реформите за владеењето на правото и борбата против корупција се највисоки приоритети. Владата на Северна Македонија високо ја цени американската поддрршка за развојот на антикоруптивни стратегии за секоја земја од Западен Балкан, вклучително и Република Северна Македонија, како поддршка на националните антикоруптивни стратегии кои се веќе креирани во многу области“, истакна Ковачевски.

Поврзани новости